top of page

Светото Писмо или Библијата (Библија, од грч. βιβλια, „книга“) е збир на свештени списи, книги кои се вдахновени од Светиот Дух, чувани во Црквата и толкувани низ вековите во периодот од 13 век пред Христа, до последните новозаветни списи од крајот на 1 век после Христа. Во Библијата е собрана Божјата објава запишана во збирка на книги пишувани преку вековите од избрани, праведни луѓе, свети пророци и апостоли, вдахновени од Светиот Дух. Таа е дар од Севишниот со цел да ни го открие Својот вечен план за спасението на човечкиот род преку верата во Неговиот Син, Исуса Христа. Токму затоа Библијата е најважната книга што ја поседува човештвото. Во Стариот Завет книгите со божествено потекло, дадени на човекот преку Мојсеј и другите пророци се сметаат за толку скапоцени, што луѓето ги нарекуваат само Книга на Заветот (1 Мак 1,57; Сир 24,25; Дан 9,2).

Светото Писмо претставува историја на нашето спасение или постапен развој на Божјиот план за искупувањето и спасението на човекот преку два завета. Ни кажува сѐ што треба да знаеме за Бога, за човекот и за неговото обожување. Писмото е збор Божји упатен до секој човек.

СВЕТО ПИСМО (СТАР ЗАВЕТ )

Канонот на Стариот Завет претставува корпус на канонски книги што го сочинуваат првиот и поголем дел од Светото Писмо, а во кои е пренесена подготовката за доаѓањето на втората Ипостас на Света Троица, Господ Исус Христос во светот. Изразот „Стар Завет“ е христијански термин што потекнува од Посланието на светиот апостол Павле до Коринтјаните: „Но умовите нивни заслепеа, бидејќи и до ден денес, кога се чита Стариот Завет, покривалото стои несимнато, зашто Христос го симнува“ (2 Кор. 3,14). Еврејскиот израз за завет е „b’rith“, што во Септуагинтата е преведен на διαθήκη, со значење: сојуз, завет, и го означува сојузот склопен меѓу Бога и човекот, Израилот, чијашто врвна цел била да го подготви човештвото за доаѓањето Христово.

СВЕТО ПИСМО (НОВ ЗАВЕТ )

Канонот на Новиот Завет претставува збирка на 27 боговдахновени книги напишани од светите апостоли, во која се открива и исполнува Божјата икономија и домострој на спасението на човекот. Новиот Завет е уште и основна содржина и критериум на апостолската Црковна традиција, со што се потврдува дека изворот на нејзиното богословско учење и литургиска пракса е ист; тој е исполнување на Стариот Завет, како договор меѓу Бога и избраниот Божји народ, кој бил со временски ограничен карактер (Мт 5,17). Новиот Завет, како нов сојуз, ги открива Божјите заповеди на потполно ново ниво (суштината е дадена преку проповедта за блаженствата), но со иста цел како и оние од Стариот Завет – а тоа е водење на човекот кон спасението и неговото обожување.

bottom of page